Апропо кавгите деновиве на блогерај… може ќе се инспирира некој… или барем засрами…
Во 1895 година Петар Манџуков (македонски револуционер, анархист, автор на опсежните мемоари „Предвесници на бурата“) е избркан од гимназијата во Пловдив оти ја кажал „Оче наш“ на македонски јазик, што таму се сметало дека ја кажува со потсмев. Михаил Герџиков (негов другар и соученик во гимназијата, бугарски анархист, легендарна личност, кој се вклучува во македонското револуционерно движење иако е Бугарин и кој е еден од водачите на Преображденското востание) протестира заради тоа и самиот тој се најдува исклучен.
Македонските мејнстрим медии ја прескокнаа оваа вест (а, нашите дописници се чини стануваат од кревет само кога треба да ни пренесат официјална порака од Брисел).
Поинакви медии и немаме (како Хрватите, на пр.), па ајде на блог:
На крајот на Март, Министерскиот Совет на ЕУ усвоил таен документ (без знаење на Европскиот Парламент) под наслов „Инструмент за собирање податоци и информации за насилната радикализација на процеси“. На прв поглед се чини како да е само уште еден инструмент во низата на другите во т.н. борба против тероризмот. Но, малку подеталното разгледување на документот, провален и објавен од страна на невладината State Watch открива сосем нови димензии. Имено, се работи за еден исклучително екстензивен попис на европските радикали.
Кои радикали?
Која држава како сака, така ќе си ги дефинира и ќе си ги попиши. Потоа на ниво на ЕУ може да си ги разменуваат податоците.
Без било каков обид да се дефинира точно кои се тоа „радикалите“ кои би требало да се најдат под специјалните мерки на истрага кои ги препорачува документот, лицата се разврстани на 4 категории:
Екстремно леви/десни – зависно од локалната ситуација, тука лесно ќе потпаднат сите кои на пример мислат дека капитализмот не го бива и треба да се замени со нешто подобро. Или оние кои се противат на идејата за ЕУ и бараат враќање на целиот суверенитет на националните држави.
Националисти – еден куп на локални патриоти/националисти, како год да се нарекуваат, нашироко низ Европа. Припадници на разни движења за независност.
Исламисти – боже, боже… Секој втор муслиман на континентот ќе може да биде третиран од „инструментот“.
Антиглобалисти – сето останато (повеќето се нарекуваат алтер-глобалисти, но несомнено се мисли и на нив) што се противи на одржувањето на статус кво ситуацијата во Европа.
„Инструментот“ е наменет да ја испитува „насилната радикализација“, но не се задржува само на употребата на насилство. Употребата (и сите дериватни форми) на насилство веќе се третира преку националните кривични закони. Овој „инструмент“ оди чекор понатаму, или, поточно кажано – понапред.
Па низ 70те прашања „инструментот“ не попишува само дали лицето кое е предмет на истрагата искажало намера за учество во насилни акции, ами и дали и кои коментари истото ги дало за други политички случувања, се истражуваат неговите врски со други лица, економски, брачен статус, пријателства… Документот изразито се интересира за аргументите користени во промоција на политиките, за врските помеѓу субјектите и за начините на кои се пренесуваат идеите. Целиот „инструмент“ на Англиски јазик овде [PDF 150KB]
Реков дека дефинирањето на „радикалите“ ќе ги вршат органите на секоја земја поодделно? И тоа дека секоја од тие земји си има свој кривичен законик?
Има милиони „радикали“ низ Европа. Едвај стотици од нив прибегнуваат кон насилни акции. Овој „инструмент“ широко ја отвора вратата за масовни злоупотреби и кршења на човековите права, посебно на правото на приватност, во целата Тврдина Европа.
Со почит,
Вашиот денешен дописник од Брисел, на кој, заради тоа што не е политичар и не бара да му климаат со глава, му се битни и изворите на критиките. Човековите слободи се легитимен извор.
Приказната вели вака: Во својот поход за освојување на светот, во Индија, Александар наишол на еден Јоги седнат во калта на брегот на реката Инд.
„Што правиш тука?“, го прашал
„Ја чувствувам својата ништожност“, му рекол Јоги. „А ти?“
„Јас го освојувам светот“
Обајцата се насмеале и се разделиле мислејќи си во себе исто: „Види која будала“.
Оваа приказна често се посочува со намера да се илустрира непомирливоста на Истокот со Западот. Прорачунливоста на Западот и мудроста на Истокот. Потрагата по материјални доживувања и продуховеноста. Западниот конфликт со недостижните богови и Источната мудрост на себеприфаќањето. Има безброј поводи.
Едно нешто не пасува: од сите места долж двата брега на Инд, Јоги во приказнава е сместен токму на патот на најславниот Западен патник кој ја посетил Индија.
И токму со овој акт Јоги ја напушта својата ништожност и тргнува да го освојува западниот свет. Преку него и сите останати.
Што навистина не поучува приказнава?
Тоа дека ништо не е самореферентно. Секоја филозофија, политика, идеја,… функционира само кога е во однос со некоја друга.
Отидовме да го запишиме синчето во училиште. Не пречека една љубезна госпоѓа, која не се претстави, но делуваше како да си е на местото, па ја следевме. Седнавме во кабинетот да пополниме некои формулари. Имаше по еден за нас и еден кој таа го пополнува. Таа прашува и запишува, ние и одговараме.
- Религија?
- Чија, и велам, на детето?
- Да, да.
- Па мислам дека не е религиозно.
- Како може да не е?
- Така убаво.
- Ама, мора да има некоја вероисповест.
- Не мора. Детето, колку што знам јас не практикува религија.
- Крстено е?
- Тоа не е ваша работа.
- Ама дома, на пример, од која религија сте?
- Не сме религиозни.
- Ама, пошироката фамилија?
- Во пошироката фамилија се практикуваат повеќе вери. Но, ние во семејството не практикуваме ниедна. Оставете ја празна графата за религија, да одиме понатаму.
- Ама, религијата, ми вели, како одлика на еден народ. Мора да имате нешто такво.
И тука зоврев. Во сите други случаи овој разговор би завршил тука со непријатен монолог, ама смири се бре, си велам, запишуваме дете во училиште, ајде да се учиме, како во прво одделение:
- И која религија ја имаат Македонците, ја прашувам?
- Па православие ми вели.
- Па, нели има и Македонци од други конфесии?
- Има де, па затоа и ве прашувам, во фамилијата од која религија се постарите, вашите родители…
- Помеѓу најблиските само, кај нас има православни, протестанти, католици, а фала богу и атеисти.
Ја гледам, таа веќе почнала да запишува, па ја замолив да сопре. Запишала „Пр“.
- Чекајте малку, вие пополнувате во графата религија за син ми или за некој од нашите баби или дедовци?
…
- Аман, оставете ја празна графата, детето сеуште не практикува религија!
Молчи, врти со главата, но за кратко, во графата стоеше „Пр“. Збунето не испрати. Мислам дека ништо не научи.
Излегуваме, и низ глава ми се вртат претците: две сестри еден брат. Едната православна, другата протестантка, братот атеист. А тек поширокото семејство, какво виножито таму се прави. Значи, можело, до пред само десетина, дваесет, триесет години. Можело.
И така, го запишавме детето во прво одделение на крајот од првата декада од 21от век. Господ напомош. Атеистичкиот.
Инаку, истата госпоѓа, љубезно ми кажа дека сега психолошките тестирања не биле релевантни повеќе, зашто секако морале да ги примат сите деца. Тие биле ради реда само.
За разлика од религиозноста. Таа како што гледам „серизно“ ја сфатиле.